Во македонската историја периодот именуван како грчка „Македонска борба“ го означува временскиот интервал од 1904 до 1908 година. Период непосредно по завршувањето на Илинденското востание (1903), по кое грчката држава одлучила вооружено, со паравоени формации испратени од Кралството Грција да интервенира во делови на османлиската државна територија. Всушност таа преставувала грчка борба за освојување на ’душите’ на македонското население, но имала и геноциден карактер врз дел од етничкото македонско население. Борбата произлегла и се водела од страна на самата грчката држава, со грчко оружје и финансии, со грчки наемници и неформална османлиска согласност, но и помош. Целта на оваа вооружена интервенција, која во најголема мерка била насочена кон Македонската револуционерна организација и дел од христијанското македонско население, произлегувала од познатата Мегали идеја. Немајќи доминантно грчко население во Македонија, официјална Атина се одлучила со насилство и оружје да го принуди македонското христијанско население да остане или да се врати во редовите на Цариградската Патријаршија. Припадноста и лoјалноста кон Вселенската патријаршија бил еден од критериумите во тоа време, врз кој се одредувал грчкиот национален идентитет. Грчките компетентни институции и личности сметале дека грчкиот јазикот не можело да се користи како аргумент во полза на националната доктрина - македонското население да се прикаже како грчко - и покрај огромниот образовен кадар и пропаганда, а се со цел да се всади грчкиот јазик во македонскиот дом. Решено било дека стравот, кој бил производ на вооруженото насилство и сила, ќе влијае позитивно во градењето на грчка национална свест меѓу македонското селско население.
Kритјанинот Ефтимијос Каудис
Тргнувајќи од логиката дека стравот имал клучна улога во тој период врз градењето на грчкиот идентитет меѓу македонското население, врз истото биле извршени најразлични видови на терор, насилие, убиства, мачење…, а сето тоа во служба на грчката национална идеологија. Од многубројните злосторства извршени врз македонскиот народ од страна на т.н. ’Македономахи’ (најголемиот дел пристигнати од Крит) во тој период, најпознати се секако ’Зеленичката крвава свадба“ и „Колежот во Загоричани“. Првиот настан се случил на 13 ноември 1904 г. во с. Зеленич (Леринско), еден месец по смртта на Павлос Мелас, што се смета и за причина да се изврши ова одмазничко дело, а конкретен повод била свадбата на внуката на егзархискиот поп во селото. Тој ден биле убиени 13 Македонци, додека 4 биле ранети. Вториот настан се случил во с. Загоричани (Костурско), на 25 март 1905 г., ( 25 март - национален празник на грчката држава). Тој ден во селото влегле околу 200 ’Македономахи’ на чело со капетнанот Георгиос Цонтос-Вардас. Загоричани преставувало ’трн во око’ за грчката пропаганда во Македонија, сакале да ги казнат жителите на селото за нивното масовно учество во Илинденското востание, но и да ја уништата силната база на ВМРО која постоела во селото. Убиени биле околу 80 македонски селани, а биле запалени и голем број на куќи.
Слично вакво злосторство врз македонското население, за кое во споредба со претходните две малку е пишувано, се случило во с. Горно Неволјани – Леринско. Селото се наоѓа околу 10 км. јужно од Лерин, во пазувите на Нередската планина. На почетокот од XX век Горно Неволјани имало околу 1 500 жители, од кои околу 1 200 биле етнички Македонци, додека другите 300 биле Турци (според некои податоци можно е да станува збор за турцизирани Албанци). Нападот на селото се случил кон крајот на октомври 1905 година. Акцијата ја предводел критјанинот Ефтимијос Каудис со својата андартска чета, додека сите потребни информации биле добиени од страна на извесен Василис Балкос член на грчката органицаија во Лерин –„Кентро“.
Денот кога бил извршен нападот во селото се правеле три свадби. Водачот, турчинот Фета кој требало да ги оденсе до посакуваната куќа, за да не биде обвинет подоцна, ја напуштил андартската група. По почетната збунетост поради не знаењето во која од трите куќи треба да го изврзвршат делото, бидејќи од три куќи доаѓало музика, со помошта на еден случаен минувач, жител на селото, Коте, андартите успеале да ја лоцираат поставената цел. Според тогашниот грчки весник СКРИП, кој ја пренел информацијата, нападната била куќата на Георги Ганев. Набрзо следел нападот, најпрвин била запалена куќата, а додека луѓето во паника ја напуштале андартите убивале се пред себе. Убиени биле околу 15 селани, а повеќемина биле повредени. Невестата обидувајќи се да се спаси скокнала преку еден од прозорите во куќата, но паднала и си ги скршила двете нозе. На таков начин завршила и оваа, втора по ред, крвава свадба за неполна една година
Редакцијата на Македонска Искра повторно му се заблагодарува на м-р Димитар Љоровски Вамваковски благодарение на кој овој настан од македонсата историја е достапен за македонската јавност.