Thursday, January 5, 2012

ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ НА МИТРОВДЕНСКА СЕМЕЈНА СЛАВА КАЈ БАБОВЦИ

ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ НА МИТРОВДЕНСКА СЕМЕЈНА СЛАВА КАЈ БАБОВЦИ (Прилеп, 8 ноември 1901 година)



Познато е дека Гоце Делчев по вклучувањето во МРО (1894 г.), а посебно по преминувањето во илегала (1896 г.), избегнувал фотографирање од конспиративни причини.

По неговото зближување со Јанка (Јустинијана) Каневчева, братучетка на Климент Шапкарев, студентка по филозофија и актуелна учителка, коешто, според Мерсија Макдермот, се случило во летото 1901 година, Гоце Делчев, опфатен од евидентен романтичарски занес, свесно го прекршува непишаното конспиративно правило, фотографирајќи се.[1]

Благодарение на ваквото негово, условно речено, повторно ликовно физичко отворање кон јавноста, остана, меѓу другото, во наследство, единствената, барем засега, позната фотографија на Г. Делчев во прилепската средина во кругот на машкиот дел од тогаш истакнатото семејство Бабовци.

Бабовци биле позната прилепска бакалска фамилија. Така, името на Диме Бабе се споменува уште во 60-те години на 19 век.[2] Семејната традиција ја продолжиле неговите синови Алексо, Ѓоре, Ицо и Владо Бабоски. Зачуваните фамилијарни бакалски тефтери го опфаќаат периодот помеѓу 1889-1934 година. Опсегот на трговските зделки го опфаќал прилепскиот дел на Мариово, дел од прекуридските села, па дури и некои јуруци од с.Канатларци.[3] Според Димитар Бабоски, бакалницата вегетирала до 1943 година.[4]

Познато е дека Владимир Бабоски (1873-1945 г.) бил член на МРО. По таа линија Гоце Делчев се нашол кај нив, на нивната куќна митровденска слава во 1901 година.По Илинденското востание Владимир се вклучил во четата на Аргир (Крсте) Гермов Шакир.[5] За тоа сведочи фотографијата /во сива нијанса/ снимена во Витолиште (Мариово) во повостаничките години. (сл.1. Владо Бабоски и Шакир во Мариово. Владо е прв од лево, а Шакир, в десно, чита писмо).[6]



Сл. 1Владо Бабоски и Шакир војвода во Мариово

Алекса и Фета (Вета) имале син и ќерка. Синот Петар (Пецко) студирал во Швајцарија, каде и умрел релативно млад, од ТБЦ.[7] Пренесен е и погребан на старите прилепски гробишта.[8] ќерката Фанија (Фанче) е мајка на Олга Наумоска, позната глумица на битолскиот театар, и двете веќе покојни. Олга беше сопруга на Душко Наумоски[9], чиј истрел на 11 октомври 1941 година во Прилеп при акцијата на прилепскиот участок, го означи почетокот на востанието на македонскиот народ.[10]

Владо имал син Гога Бабоски (1908-1972 г.).[11] Бил крстен Гога, бездруго, во чест на Гоце Делчев, како и по чичко му Ѓоре.

Диме Бабоски, внук на Владо и син на Гога, во јули 2003 година во својата куќа во Прилеп ни го стави на увид семејниот албум, вклучувајЌи ја и оригиналната слика со Гоце Делчев, како и архивската, бакалска документација. Се­то ова, гарнирано со неговото усно кажување, придонесе за појавата на овој прилог, за што му ја изразуваме нашата благодарност.

Познато е дека Гоце Делчев во почетокот на ноември 1901 година престојувал во прилепскиот регион. Притоа го посетил и самиот град.[12]

 Оригиналната слика (сл. 2, Гоце Делчев на митровденска слава кај Бабовци во Прилеп, 1901 година) е во размер 18,5/ 24 см.[13] Снимена е во кафеникава, патинаста нијанса, а врамчена во темнозелена рамка. Во долниот дел на рамката е втиснат амблемот на фото - фирмата на Д. А. Карастојанов со златести кирилични и латинични букви. Нејзиното седиште било лоцирано во центарот на Софија спроти соборниот храм Александар Невски.[14]



Сл. 2. Гоце Делчев на митровденска куќна слава кај Бабовци (Прилеп, 8 ноември 1901 г.)

Да нема забуна. Очигледно, не станува збор за фотографија снимена во софиското студио, туку токму во Прилеп на Митровден 1901 година. Дека тоа е така сведочи и една поранешна фотографија од потесното семејство на Алекса Бабоски од 1898 година. Алекса зазел стоечка поза, а две жени, една старица и една помлада, седат. Во скутот на старицата се наоѓа двегодишно дете, очигледно, Пецко (роден во јули 1896 год.), а до помладата жена (веројатно Вета) стои со шапка во раката приближно шестгодишно девојче. На задната, бела сгтрана од фотографијата е втиснат кириличен и латиничен амблем на фотографската фирма на Ив. А. Карастојанов, дворски сликар на кнезот Фердинанд, веројатно постар брат на Д. А. Карастојанов. Притоа се посочени студијата во Софија и Пловдив.[15] Несомнено, постоела нивна филијала и во Прилеп. Непознато ни е потеклото на браќата фотографи, но не е исклучена претпоставката тие да биле прилепчани. Во секој случај, со прилепскиот клон на фотографската фирма раководел човек, едуциран во софиското студио, кој при изработката на фотографиите користел сликарски материјал испраќан исклучиво од централното софиско фотографско студио.

По се изгледа дека фотографијата со Гоце Делчев е снимена во старата фамилијарна куќа на Бабовци, лоцирана покрај старото битолско џаде, во непосредна близина на денешниот прилепски театар.

Композицијата на сликата е мошне интересна. Централна фигура е Алекса Бабе, со ќурк на рамениците и шубара на главата, кој стоечки наздравува. Од лево на десно седат браќата Владо, Ицо и Ѓоре.[16] На дното од сликата, во самиот десен агол е седнат Гоце Делчев, со што уште еднаш доаѓа до израз неговата пословична скромност. Во десниот агол, зад имењаците Ѓоре Бабе и Гоце Делчев стои, по се изгледа десетгодишен непознат чирак со кошничка во раката. Во левиот агол од сликата, покрај десната нога на Владо, се сместило мало, симпатично куче, небаре, се преселило од старите платна на Мурило. Во духот на времето, на ѕидот е распнато сликарско платно, со цел да се добие посилен сценографски ефект.(сл.2)[17]

Браќата Бабовци, покрај со трговија и бакалство, се занимавале и со лозарство и бавчанџилак.[18] Тоа е видливо и на сликата. Во централниот дел на сликата се гледа мала бочва со вино поставена на столче. На бочвичето со креда или пак со бела боја е напишан датумот 2/II.1892 година. Овој датум одговара на празникот Сретение Господово, а само еден ден го дели од празникот Св. Трипун (1. 02. ст. стил), денот на лозјарите. Во случајов, најверојатно е сврзан со некој бележит настан од фамилијарен карактер.

Во наизглед празничната, славеничка атмосфера, Гоце Делчев со браќата Бабовци се мезат со колбаси и млад кромид од втора реколта. На бочвата е поставено и парче леб. Воедно, со чаша рујно вино наздравуваат за празникот сите, освен момчето. Карактеристично е што само двајца од браќата (Алекса и Ицо) пијат од кристални чаши со бронзен, изгравиран капак со нивните имиња, а останатите двајца браќа (Владо и Ѓоре), како и гостинот Гоце Делчев, пијат од обични, стаклени чаши.[19] Токму кристалните изгравирани чаши овозможуваат да се утврди датумот на престојот на Гоце Делчев во Прилеп и настанувањето на оваа интересна фотографија. Тоа е 8 ноември 1901 година (празник Митровден). Според кажувањето на Диме Бабоски изгравираните чаши браќата, традиционално, ги користеле двапати годишно и тоа за верските празници Велигден и Митровден (семејна слава). Со нив консумирале вино само сопствениците на чашите, чие име било изгравирано на подножјето на бронзениот капак.[20] Не случајно и Гоце Делчев наздравува со обична чаша.[21]

Поаѓајќи од инцидентната употреба на изгравираните чаши, а имајќи во предвид дека Г. Делчевиот престој во прилепскиот регион датира во почетокот на ноември 1901 година, сосем е логично да се датира Г. Делчевата посета на Прилеп на Митровден (8 ноември) 1901 година.

Кристалните чаши, според Д. Бабоски, биле набавени и изгравирани во Виена, каде браќата имале трговски зделки.[22]



Сл. 3. Изгравирана чаша со името на Алекса Димов Бабов

Имавме прилика лично да ја видиме изгравираната чаша, која сега се наоѓа во посед на Диме Бабоски. Чашата има размер 8,5/14 см. од 0,5 л. Покриена е со бронзен капак висок 8,5 см. Над рачката од чашата, во својство на отворач се наоѓа извајано бронзено ангелче со крилја. Во подножјето на капакот е изгравирано, со ракописни латинични букви, името Алекса Димов Бабов (сл. 3)[23], централна фигура на фотографијата со Гоце Делчев. (сл.2)

Во привидно релаксираната атмосфера, браќата позерски се поставени, а Гоце Делчев е длабоко задуман и загрижен. Ваквата негова филозофска поза, бездруго, произлегува од сериозните грижи сврзани за последиците од Солунската афера (1901 г.), судските процеси во Солун, Битола и Скопје (сите во 1901 г.), застанувањето на Ив. Гарванов на чело на ЦК на МРО (1901 г.), како и неизвесноста околу откупот за Мис Стон. Тука спаѓаат и врховистичките интриги, османската репресија, како и очекувањата од претстојната средба со Даме Груев во битолскиот затвор.

Потребно е да се истакне дека првпат оваа фотографија ја објави Мартин Треневски во илустрираното списание Македонија во ноември 2000 година[24], коешто, на прв поглед, претставува благороден чин. Меѓутоа, во текстуалниот дел на авторот му се провлекле кардинални грешки:

1.       Г. Делчев во 1901 година немал „31”[25], туку 29 години;

2.       Момчето со кошничката в раце не е Пецко Бабоски, бидејќи Петар (5.07.1896 - 11.09.1929 г)[26] тогаш имал одвај нешто под 5,5 години, а момчето на сликата има скоро двојно повеќе години;[27]

3.       Фотографијата не е сликана „во студиото на Д.А.Карастојанов што се наоѓа(ла) спроти соборната црква во Софија”[28] , туку во Прилеп;

4.       Ноторно е невистинита констатацијата оти „во македонската историска наука се тврди дека Гоце Делчев наводно не престојувал во Прилеп”.[29] Токму спротивен е ставот на македонската историографија со децении наназад[30];

5.       Погрешно е тврдењето дека Г.Делчев консумирал вино во изгравираната чаша презентирана на фотографијата[31], туку од обична чаша.[32]

6.       Недозволива е интервенција во сликата при публикувањето, бидејќи со тоа се нарушува оригиналноста, каков што е случајот со внесување жолт круг[33], кој не постои во оригиналот[34];

7.       Дека М.Т. е понесен од ефтин сензационализам сведочи и препубликувањето на истата фотографија неполни три години подоцна во специјалниот (пилот) број на в. Медиум од 2 август 1903 година под наслов „Непозната фотографија од Гоце”[35] Безбели, ако М.Т. првпат ја објавил во ноември 2000 година, сега, белки, во 2003 година, не е повеќе непозната. И што е уште потрагично, грешките од 2000 г., сега се преповторени.[36] Значи, не биле случајни.

Најпосле, убаво би било оваа оригинална фотографија од Г. Делчевиот престој во Прилеп на Митровден 1901 година, како и изгравираната чаша на Алекса Бабоски што поскоро да се најдат во витрините на Музејот на Македонија, бидејќи таму вистински припаѓаат.



Автор : Димитар ДИМЕСКИ

[1] М.Макдермот, Свобода или смрт, Биографи на Гоце Делчев, Софиjа, 1979, 208.

[2] Ј.Јанев, Историските и социјално-економските аспекти на еснафската организација во Македонија во времето на турското владеење, ИНИ, Скопје, 2001, 175.

[3] Цф. Трговски тефтери на семејството Бабовци, депонирани кај Д.Бабоски во Прилеп.

[4] Според усното кажување на Д.Бабоски од јули 2003 г. во Прилеп.

[5] Цф. М.Треневски, Досега необјавена фотографија на Г.Делчев, сп.Македонија, г2000./ бр.585, Скопје, ноември 2000 г., 24.

[6] Оригиналната фотографија се наоѓа кај Д.Бабоски во Прилеп.

[7]  Според усното кажување на Д.Бабоски. /Прилеп, јули 2003 г./

[8] На надгробната плоча е вклесано следново: Петар Бабовиќ (5.7.1896 г.-11.9.1929 г.).

[9] Д.Наумоски загина во сообраќајна несреќа во далечната 1961 г.

[10] Цф. Прилеп и Прилепско низ историјата, кн. 2, Прилеп, 1972, 181.

[11] Годините на неговиот живот се предадени според надгробната плоча на старите прилепски гробишта.

[12] Цф. Хр.Андонов Полјански, Гоце Делчев, И-ВИ, т.И, Скопје, 1972 г., 194; Д. Димески, Гоце Делчев, Скопје, 2003 г., 221.

[13] Оригиналната слика е сопственост на Д. Бабоски од Прилеп.

[14] Ибидем.

[15] Сликата ја поседува Д.Бабоски од Прилеп.

[16] Цф. М.Треневски, Идем, 24.

[17]Цф. ф.13.

[18] Според исказот на Д.Бабоски од јули 2003 г.

[19] Цф. сл. 2.

[20] Цф. ф. 18.

[21] Цф. сл. 2.

[22] Исказ на Д. Бабоски од јули 2003 г.

[23] Изгравирана чаша на Алекса Бабоски, сопственост на Д. Бабоски од Прилеп.

Цф. М.Треневски,  Досега необјавена фотографија на Г.Делчев, сп.Македонија, , бр. 585, 25.

[24]Цф. ф. 5.

[25] М.Треневски, Идем, сп. Македонија, бр. 585, 24.

[26] Цф. ф. 8.

[27] Цф. сл. 2.

[28] М.Треневски, Идем, сп.Македонија, бр. 585/ Скопје, 2000 г., 24.

[29] Ибидем.

[30] Цф.  ф. 12.

[31] М. Треневски,  Досега необјавена фотографија на Г.Делчев, сп.Македонија, , бр.585, Скопје, ноември 2000, 25.

[32] Цф. сл. 2.

[33] М.Треневски, Идем, 25.

[34] Цф. сл. 2.

[35] М. Т. Непозната фотографија од Гоце, в.Медиум, 2 август- Илинден 2003 , 5.

[36] Ибидем

No comments:

Post a Comment