Friday, December 28, 2012

Македонско јадење на словенскиот ручек во „Виена“


Деновиве бев на словенскиот ручек во „Виена“. Кога сум на овие четврткови ручеци, неволно ме поразува некаквочудно и жално совпаѓање, насекаде каде што се судираат словенските интереси, бездруго веднаш се појавува веќе готовиот австриски рецепт, веќе се чувствува мирисот на „виенската кујна".И би сакал да верувам, би сакал да мислам дека овие ручеци не се фатално предзнаменување на вечната зависност од „виенската кујна“, и штом ќе треба да се приготви словенско јадење ние нема, како криловскиот „Васка“, да слушаме и да јадеме кога браќата Словени ќе ги донесат на нашите ручеци своите словенски таги, своите словенски мисли, и врз нашите решенија нема да повлијае призракот на блиската и заедно со тоа далечна за нас „виенска кујна", туку тој ќе ни вели: „Спомни си за атињанците“!
Јас го одбележувам овој последен ручек, на кој потомците на светите Кирил и Методија не нагостија со своите национални македонски јадења приготвени со солзи, наситени со крв, зашто чувствувам долг да му ги претставам на општеството овие со крв и солзи напишани зборови на Македонците, особено затоа што овие зборови, обраќања кон Русија, запазувајќи ја за неа целата висина на голема словенска држава, не повикуваат за ново пролевање руска крв за Словените.
Македонците, откако ни ја претставија сликата на ужасната положба на својата татковина, истовремено ни го оцртаа патот за спасувањето на Македонија од пропаста, а Европа од војната. Подолу јас го наведувам во целост писмото добиено од Битола, а сега ќе се запрам на некои мисли што ми ги искажаа претставниците на Македонската колонија кога ме посетија следниот ден по ручекот.
Да, рекоа тие положбата е критична. Во Македонија мириса на смрт. Единствениот спас на нашето дело, на нашата независност, а заедно со тоа и спасот на Европа од војна, тоа е вмешувањето на Русија, но не во форма на поддршка на словенскиот сојуз против Турција, ами морална поддршка на Македонија, брз и решителен притисок врз Турција заради неодложно спроведување реформи во Македонија. Овој морален притисок ќа го спаси делото, ќе го отстрани надвиснатиот призрак на војната.
Македонците јарко ми ги оцртаа сите лоши последици од обединувањето на Словените за борба со Турција и решителната непожелност сојузот да биде поддржан од Русија.
Без поддршката од Русија овој српско-бугарско-грчки сојуз нема да ризикува да и објави војна на Турција; сите нивни надежи се на Русија. „Австрија знае велат Македонците — дека нема да има победа на сојузот без помошта од Русија, па затоа веќе си ја подготвува  улогата на помирувач: ќе се дигне преку Пазарскиот санџак и ќе ја окупира Македонија. Оваа окупација за Словените ќе биде полоша од зависноста од Турците, бидејќи при последнава положба сетики има надежи. Самата победа на словенскиот сојуз, ако се реализира, апсолутно е непожелна од словенско гледиште, зошто тоа ќе биде парастас над потомците на Кирила и Методија: ќе ја разделат Македонија на три дела, ќе биде привремен триумф над нејзиното тело, но никој нема да биде задоволен: ќе се наложи да војуваат со делачите, и нема да има бел ден за Словените. Ако Русија му укаже поддршка на словенскиот сојуз, што малку е веројатно, тогаш резултатите бездруго ќе бидат европска војна и разделба на Македонија ќе се наруши европската рамнотежа. Ако Русија, велат Македонците, морално се замеша во спроведувањето реформи од Турција во Македонија, ако ја помогне нејзината независност, автономијата, по можност со христијански губернатор, тогаш со тоа таа ќе ја покаже пожелноста за поддршка на потомците на светите Кирил и Методија. Во Европа ќе биде зачувана рамнотежата, ќе се прекратат раздорите помеѓу балкансккте држави заради Македонија.
Македонците сакаат политичка слобода, но и општественото мнение (народот) во Србија и во Бугарија исто така сака слобода за Македонија, бидејќи тогаш Македонците ќе си се вратат во татковината. Се разбира, во Бугарија и во Србија има и стремежи за создавање Голема Бугарија или Голема Србија, но тоа не е гласот на народот“.
Во овој глас на крвта и душата на Македонците мене особено ме опфати мислата за големата улога што може Русија бескрвно да ја одигра во ова дело за спасување на драгите на Русија потомци на Кирила и Методија. „Не се сака активно учество на Русија, ние не бараме ваша крв, се слушаат зборовите на Македонците: ние веруваме во величината на моралната моќ на Русија, ние сакаме свесно да влеземе во заедницата на државите на Европа, ние сакаме мир во Европа и благосостојба на браќата Словени. И таа верба во моќта на рускиот збор во Европа не треба да биде угаслива: Русија треба да изврши морално влијание врз Турција, за неодложно спроведување реформи во Македонија" и да ја олади пепелта на словенскиот сојуз што може да ја наруши европската  рамнотежа. Русија треба да го направи ова како голема словенска држава, во името на запазувањето на својот престиж кај Словените и во интерес на европскиот мир".
Така зборуваат Македонците.
Статијата е објавена во Петроградскиот весник „Гражданин“ (бр. 37, 16.IX.1912)

Уредил: Андонов Благојче

Под победничката кола

Под победничката кола

Во тешкиот момент за својата татковина ,група Македонци во русија почнуваат да го издаваат својот орган заштитник „Македонски глас„.Овој тежок , но во исто време и мошне важен момент , е решавачки.
Судбината на Македонија,која се наоѓаше под петстотинигодишно турско ропство,„несреќната земја„ , „земја на раздорите„ , што во текот на многу десетолетија ја обезпокојуваше Европа,која не можеше да дојде до цврсто и определено решение за македонското прашање,сега се завршува катастрофално.
Досега ниту спогодбите на големите држави,ниту австро-руските договори,ниту турскиот устав не можеа да и ги дадат на оваа земја со тримилионско население ветуваните и очекуваните реформи.Новосоздадениот Балкански сојуз на четирите држави,вети да стори повеќе – да и даде слобода.
Пред половина година словенските топови му заговорија на целиот свет за Македонија.Зората на војната ја огреа македонската преродба ,грмежот на топовите ја разгласи песната на слободата,бртската крв ги обои со црвено знамињата на независноста.
Но тоа беше само почеток на последниот стадиум на македонското прашање ,убав почеток ,неизмерно херојство и...измамлив.Настаните пто дојдоа потоа,чекор по чекор ја покажува нереалноста на појавената фатаморгана.Суровата стварност ги разбиваше соништата на македонсите за слободен и независен живот.Лист по лист ги кинеше плодовите од  дрвото на слободата ,додека не остана гол трупец со сиромашни суви гранки кого почнаа да го кршат на делови.
Се покажа дека сите возвишени зборови , што ги искажуваа во почетокот на војната за „ослободителната„ улога ,за „заштита на браќата„ – исчезнаа како дим при првите знаци на победата.Бугарскиот  и српскиот манифест , што го прогласија “последниот кртоносен поход“ , премногу брзо станаа историски документи за да можат сериозно да бидат примени во современата положба на работите на Балканот, особено во македонското прашање.
До Балканската војна во 1912 година постоеја малите сепска и бугарска држава, чиј глас Европа воопшто не го земаше предвид.Секој свој чекор тие го правеа плашливо, огледувајќи се околу себе,молејќи за поткрепа,барајчи сочувства.Поради таквата положба,почнувајќи ја војната со Турција,тие мораа да си обезбедат нмешање отстрана,што можеше да се постигне единствено со изјавата за некористоњубивоста на својот потфат , за возвишените цели на справедливоста ,слободата и човечноста од кои се раководеа како војувачки страни.
И треба да се признае дека с тоа направија добар потег;во краен случај,во очите на европското јавно мислење војната беше „ослободителна“.
Но Лозенград и Куманово им дадоа можност на Бугарите и Србите да се експонираат најавувајќи ги своите државни задачи , својата вистинска намера.
И Македонија – „ослободената„ Македонија – падна како прва жртва на растежот на новите сили на Балканот.На нејзините полиња ,завојувани од Турците , се судриа нови – и не една ,туку три – непријателски сили и тие го смачкаа живото тело под своите победнички коли.Великобугарската,великосрпската и панелениската идеја ја третираат Македонија како своја пљачка , и се готови ,токму заради неа , да се бијат и со нови потоци крв да ја залијат многунамачената словенска земја.
Што да прават со неа – со истраданата ,обезсилена земја , што други ја раскинуваат на делови?Одговорот е еден – да се борат.Но нема сомневање – силите на Македонците се слаби и резултататите на нивната очајничка борба ќе бидат за нив оплакување . Од меѓусојузничката војна Македонците не че добијат многу , а без сомневање ќе настрадаат.Кој и да ја владее Македонија , за секој еден таа ќе биде средство за закрепнување на туѓата државност.Македонија нема своја државност,но таа може да постои при услов , да се изрази силен стремеж за независност , ако во неа остро се чувствува неопходноста од автономно постоење и во колку државите ,главно Русија ,му излези во пресрет на тој стремеж.
А Русија би требало да му излези,имајќи ги предвид општословенските и руските интереси,со кои наполно се согласува идејата за автономна Македонија.
Австрија ја создаде државата Албанија од ништо,како повод за продолжување на збрката на балканот.Русија може како против тежа на Австрија да и даде државен живот на оваа земја што пет векови се бореше за својата слобода и што се затекна на местото каде се крстосуваат три државни патишта – т.е. на Македонија.
Автономна Македонија во составот на Балканскиот сојуз – тоа е гаранција на мирот сред Јужните Словени.

 А.Новгородски.
„Македонски глас„ број 1
9 јуни 1913 





Thursday, December 27, 2012

„Меморандум„ до Руската влада од 1902 година





1902, ноември, 12, С.-Петербург

Bo меморандумот упатен до руската влада, потпишан од Стеван Јакимов Дедов, се изнесува разработен проект за мирољубиво, т.е. по еволутивен пат, решавање на македонското прашање. Се бара признавање на националната посебност на македонскиот народ и создавање автономна Македонија - најпрвин во рамките на османлиската држава, а потоа и како одделна држава на Балканскиот Полуостров под заштита на големите сили. Меморандумот е поднесен во времето кога извесно подобрување на положбата во Македонија било прифатено како неминовност и од големите сили. Се укажува дека слободна Македонија од своја страна во политички, национален и црковен однос ќе се погрижи да ги привлече кон себе соседните држави во федерација и ќе ја исполни својата мисија мирно и тивко.

МЕМОРАНДУМ

... Од сето досега речено е јасно дека за подобрување на положбата на христијанското население во Македонија како прв чекор треба да послужи обединуваньето на словенското население како најзначително во Македонија. Тоа обединување треба да биде како национално така и духовно. За тоа не се потребни никакви револуции; би било доволно руското општествено мнение, заедно со руската дипломатија, да повлијае врз балканските држави за последниве да се откажат од својата завојувачка политика и да ги отповикаат од Македонија своите пропаганди; и ако тие сакаат, од каква и да е хумана гледна точка да ги помогнат своите „браќа“, како што имаат обичај сега да ги нарекуваат Македонците, ќе се најдат илјадници други начини да ги изразат своите братски /чувства/. Co отповикувањето на пропагандите ќе престане антагонизмот меѓу населението; словенското население ќе се обедини во една компактна маса и секогаш ќе биде во состојба да им даде отпор на сите антинационални текови. Сево ова, како што веќе рековме, може да се направи тивко и мирно, по еволутивен пат, без нарушување на мирот и уништување на словенскиот елемент, а дотогаш додека албанското прашање не созрее политички и национално, дотогаш додека да се реши прашањето кој ќе ги завладее Дарданелите, дотогаш Македонија volens nolens, по неопходност, треба да биде составен дел на Отоманската Империја, зашто секакви востанија не можат да дадат никакви други резултати, освен истребувањето на словенското население, а тоа можат да го сакаат само непријателите на словенството и православието. Единствените подобрувања што можат засега да се направат и со кои треба да се согласат и балканските држави се сведуваат, според нашето мислење, на следново:
1. Признавање на македонските Словени од страна на Турција како одделен народ со одделен литературен јазик, што рамноправно со турскиот станува официјален јазик во трите вилаети на Македонија - Косовскиот, Битолскиот и Солунскиот, и признавање на самостојна/македонска/ црква.
2. Назначување на еден генерал-губернатор и еден негов помошник за оваа провинција од споменатите три вилаети. Генерал-губернаторот може да биде турски државјанин од мнозинската националност во таа провинција, а неговиот помошник од помалку застапената националност.
3. Месно изборно народно собрание и дарување на Македонија органски статут од Неговото Императорско Величество Султанот.
4. Спроведувањето во живот на правата дарувани од Н. И. В. Султанот на Македонија се гарантира од европските големи држави итн., итн. (како и провинцијата Либан).
На ваквите реформи не може да не се согласи турската влада. Досега Високата порта се извинуваше дека и самата не знае на каков начин да ги исполни реформите предвидени во 23-от член од Берлинскиот договор, бидејќи во прв план треба да се реши прашањето на јазикот, зашто Македонија во сегашното време како да претставува конгломерат од јазици и народности.
Разделувањето пак на сфери на влијанија во Македонија, како што предлагаат Србите и Грците, е невозможно. За нејзиното конечно разделување меѓу Србите, Бугарите и Грците таа пред се` треба да престане да постои како турска област, а тоа Турција нема да го допушти без војна, а Европа пак не може да го допушти последново.
Ете зошто, тоа се минимални права и реформи кои можат да се бараат и кои можат да се реализираат при постојните политички околности, и на тој начин се зачувува целоста на Турција, гарантирана од големите држави, што е неопходно и за зачувувањето на европскиот мир.
Не треба да зборавиме дека таквата слободна Македонија ќе биде единствена држава на Балканскиот Полуостров што ќе го обрне целото свое внимание врз својот внатрешен живот, нема да има никакви завојувачки планови, нема да има зошто да се плаши од своите соседи, бидејќи нејзиното постоење како одделна држава ќе биде осигурено од големите сили. Таквата слободна Македонија пак од своја страна во политички, национален и црковен однос ќе се труди да ги привлече кон себе соседните држави во федерација и ќе ја исполни својата мисија мирно и тивко. Со еден збор, само таквата Македонија може да се јави на Балканскиот Полуостров како „Пиемонт за обединуванье на балканското словенство и православие“.
Излагајќи ги на брза рака нашите убедувања за интересите на македонското словенско население, ние се надеваме дека императорската руска влада внимателно ќе ги ислуша и нема да го откаже своето содејство за исполнување на толку тешката задача, како што е задачата за политичко, национално и духовно ослободување на македонското словенство.
Според тоа, ние сме длабоко убедени дека моќниот глас на руското словенско општествено мислење ќе побрза кон Вашиот благороден апел и ќе Ви ја укаже неопходната поддршка да ги изгладите (да ги израмните) неправедните и лукави дејствија на европската дипломатија и да му помогнете на еден беден народ.

Имам чест да останам кон Вашето превосходство со длабока почит и преданост.
Стеван Јакимов Дедов

Државен архив на Југославија. Белград, фонд на JOB. М. Јовановиќ-Пижон, 48/2256/3. (Преземено од: Блаже Ристовски, Македонска нација, 2, Мисла, Скопје, 1983, стр. 70-72.)