Thursday, February 17, 2011

КРСТО ГЕРМОВ - ШАКИР ВОЈВОДА


Роден е во 1875 година во Прилеп. Во Организацијата се вклучува во 1901 година како четник во четата на П. Ацев, а потоа станал реонски војвода во Мариово. За време на Илинденското востание учествувал во повеќе борби против турскиот аскер, а по востанието и тоа како против турскиот аскер и башибозук така и против грчките андарти. Во 1904 година го придружува Ѓ.Петров, после е со војводата Н.Каранџулов. Војува против врховисти, грчки и српски чети. Во 1906 година е уапсен од турската власт и осуден на доживотен затвор, а амнестиран е од младотурците во 1908 година.

Со своја чета учествува во балканските војни, а по војната живее во Софија. Во Македонија се вратил по Втората светска и како највозрасен народен пратеник од Прилепско на 01.09.1946 година го отвора Првото заседание на Македонското народно собрание.

Почина во Скопје во 1962 година





Шакир бил омилен војвода во Прилепско

Река од луѓе течеше крај одарот на војводата Шакир на неговото последно испраќање на Старите прилепски гробишта во 1962 година, се сеќава неговата 83-годишна ќерка Нада Гермова-Бабиќ



Само потомците на прилепскиот војвода Шакир се грижат за неговиот подзаборавен гроб на Старите градски гробишта во Прилеп. Нада Гермова- Бабиќ, ќерка на Крсте Гермов - Шакир, има 83 години и е последниот потомок од прво колено, на еден од борците за национална слобода од крајот на 19 и почетокот на 20 век во Прилепско. Тој е роден во Прилеп во 1868 година и запишан како легендарен во книгата „Прилепските војводи“.

Неговата ќерка Нада вели дека татко и' и' ракажувал оти од мал бил палаво момче кое не можело да ги трпи зулумите. 

- Прекарот Шакир го добил по некој турски разбојник, бидејќи на турските порти во Варошко Маало во Прилеп им цртал крстови да објави дека градот е рисјански. Затоа Турците го нарекле Шакир, по разбојникот. Имал шест прекари. Бил прв соработник на Ѓорче Петров, а на војводата Толе од Мариово му бил секретар. Непомирливиот дух за правда го терал да организира акции против насилниците врз христијанското население, а имал своја чета во Мариовско. Бил соработник на војводата Петре Ацев. По атентатот на пријателот од Прилеп, Ѓорче Петров во Софија, отишол во бугарската престолнина, посветувајќи се на поддршка на студенти со национални идеи- раскажува Нада.

По ослободувањето на Македонија во 1945 се вратил во Прилеп, а во 1962 година починал во длабока старост.

- Дојдовме од Софија во неговиот роден град. Од прилепчани бевме пречекани со необично гостољубие, близина и почит. Не знаев дека бил толку омилен, иако беше отсутен повеќе од 30 години. На улица луѓето ме запираа и ми кажуваа како го помагале татко ми во илинденскиот и во предилинденскиот период, како му обезбедувале храна, засолниште и пари за Организацијата. Многу го ценеа - вели Нада.

Починал во Скопје, а погребан е во родниот Прилеп. 



- Река од луѓе течеше крај одарот поставен во Домот на Армијата да му се поклонат. Трпеливо, со часови, прилепчани чекаа да му оддадат последена почит. Речиси цел Прилеп излезе на последното испраќање на својот сограѓанин. Погребната поворка беше долга со километри, од центарот до Гробиштата. Со државни почести, високи државни, локални функционери и блиски соборци, старо и младо се простија од Шакир. Никој не ги извади граѓаните на улица. Не ги тераше да положуваат цвеќиња. Тие го сакаа како свој јунак оти им беше симбол на протест, гордост и простум. Ги водеа само сеќавањата и раскажувањата за храбрите акции на Шакира - вели ќерката Нада Гермова-Бабиќ, пензионирана лекарка, специјалист по протетика.

Таа била најмала меѓу петте деца. Го памети татко си како домаќин, праведен и секогаш грижлив родител. Во семејството зрачел топлина сигурност и разум, без строгост. 

- Беше многу упорен и човек со визионерски погледи. Почитуваше знаење. Буквално ме натера да студирам, запишувајќи ме без мое знаење на белградскиот универзитет. Секогаш беше спремен за соработка со сите правдољубиви и чесни луѓе. Последните години ги мина во Скопје во друштво со Стале Попов - раскажува Гермова. 

- Жалиме што гробот е во трње и коров, откако заминаа последните почитувачи. Не губиме надеж. Ќе се најдат сили да се овековечи делото на дедо ми - се надева неговата внука Гордана.

No comments:

Post a Comment