Антивоеното расположение кое од крајот на 1917 година започнало да се шири меѓу војниците на бугарската армија зело големи размери на Македонскиот фронт. Огромното незадоволство на војската од продолжувањето на Првата светска војна најчесто се поврзува со нејзината исцрпеност од долгогодишното војување, недоволната снабденост со прехрамбени продукти и слабата вооруженост. Опаднатата воена дисциплина и моралниот дух на војниците влијаеле во редовите на Армијата да се создадат поволни услови за појава на политичка агитација. Главен иницијатор за политичкото активирање на бугарската војска била партијата на тесните социјалисти. Анонимни брошури и листови во кои јавно или прикриено се барало да се следи примерот на руската револуција и да се собори власта често се среЌавале меѓу војниците. Во некои од нив, како во брошурата која во јануари 1918 година стигнала до началникот на македонската воено полициска подсекција во Скопје се пропагирала револуција која ќе стави не само крај на војната, туку ќе создаде и Балканска федерација.(1) Како одраз на реалната состојба на теренот борбената способност на бугарската армија на Македонскиот фронт била осетно намалена. Случаите на дезертирање, пројавување на недисциплина, кревање на бунтови, кои ги имало уште од почетокот на војната, со време станале вообичаена појава. Од податоците кои биле изнесени во бугарското Народно собрание се гледа дека од почетокот на војната до јуни 1918 година само на Македонскиот фронт биле судени околу 40. 000 лица.(2)
Документот кој овде го објавуваме е концепт на одлука на воен полев истражен судија на III Балканска пешадиска дивизија од мај 1918 година. Одлуката е личен препис, но во отсуство на официјалната верзија, а и заради податоците кои ги содржи на мислење сме дека треба да биде презентирана во јавноста. Уште повеЌе што прекршокот за кој станува збор не се доведува во прашање со тоа што станува збор за концепт. Имено, отпочнувањето на истрагата и судењето на лицето Ангел Петров било иницирано од неговата докажана противзаконска дејност која се состоела од политичка активност во корист на автономна Македонија. Во објавените трудови кои го обработуваат периодот на Првата светска војна во Македонија не е забележан случај на казнување на политичка пројава на Македонци,(3) чиј број во бугарската армија бил многу голем. Заслужува внимание и изнесената информација за постоење на Македонска партија, чија главна цел била создавање самостојна Македонија.
Документот, кој како оргинал се наоѓа во Централниот Државен Историски Архив-Софија, во фонд: Сојуз на македонско-одрински ополченски друштва 1912-1943 година, а во форма на микрофилм се наоѓа во Државниот Архив на Република Македонија,(4) го пренесуваме во целост.
ПРИЛОГ
Одлука Н° 4 на Военополевиот суд при 3-та бригада од 3-та Балканска дивизија за повикување на одговорност на Ангел Петров, н[ачални]к на заднинска одбрана на 11-та армија,(5) кој агитирал меѓу населението во Кавадарци и Неготино за автономија на Македонија. [Софија] 30 мај 1918 г.[одина] Ракопис. Концепт.
Личен препис
Одлука N° 4
За преземање мерка спрема обвинет за неодложно поведување на истрага и судење.
Рударски Колиби, 30 мај 1918 г. (поцртано во оргиналот - б. м.)
Јас, потпишаниот капетан Губиделников, воен полев истражен судија при 3-та Бригада од 3-та Балканска Дивизија, откако зедов пред вид дека:
1) Со одлуката N° 3 од денешна дата(6) го приведов во својство на обвинет под истражното дело N° 443/[1]918 г.(одина)(7) бившиот началник на заднинската одбрана на 11-та армија, чиновникот Ангел Петров
2) Од извршениот до сега распит се утврди дека Ангел Петров агитирал меѓу населението во гр.(ад) Кавадарци и гр.(ад) Неготино на Вардар да влезе во состав на постоечката Македонска партија, која имала за цел да ја оддели Македонија од Бугарија, на тој начин што Македонија ќе стане самостојна автономна држава (поцртано во оргиналот - б. м.)
3) Истиот го потикнувал месното население против бугарските офицери и војници, зборувајќи дека бугарските офицери го ограбувале тукашното население, го измачувале и дека тој како Македонец е единствениот заштитник на населението од бугарските офицери и војници
4) Активностите, опишани во т. (очка) 2 и т. (очка) 3 од оваа одлука и за чие извршување Ангел Петров се обвинува претставуват престап предвиден и казнив согласно со чл.(ен) 99 т. (очка) 2 и т. (очка) 3 од Кривичниот закон.
5) За активности предвидени во чл.(ен) 99 т. (очка) 2 и т. (очка) 3 Кривичниот закон предвидува во чл.(ен) 101 максимална казна доживотен строг темничен затвор.
6) При таа положба на делото против обвинетиот треба да се преземе мерка за задолжително поведување на истрага и евентуално судење.
7) За преземање на мерка против обвинетиот се решава од ст. (ав) 248, 352 и 354 од Законот за кри (вична) судска постапка. Врз основа на цитираните ставови и членови на Военосудскиот закон и од Законот за Кри(вична) судска постапка и од сето горе изложено
Одлучив:
1) Обвинетиот Ангел Петров, бивш началник на заднинска одбрана на 11-та Армија, а во моментов по наредба испратен при Воено-Полициската Секција при Штабот на Дејствувачката армија да биде поставен во истражен затвор до завршување на делото.
2) Препис од оваа одлука да се поднесе до Началникот на Воено-Полициската Секција при Штабот на Дејствувачката армија за извршување, со молба телеграфски да биде известен за неговото приведување.
В.(оен) П.(олев) Истражен судија при 3/3 Бригада
/п./ Капетан Губиделников
(1) Блгарска военна истори, том трети, Подбрани извори и документи, Софиа 1986, 214-215.
(2) Ванче Стојчев, Воена историја на Македонија, Скопје 2000, 614.
(3) Од тие причини иако се констатира дека Македонците за време на Првата светска војна дезертирале од бугарската армија (Димитар Минчев, Народна милициа в Вардарска Македониа през Првата световна војна, Векове, 1989, 5, 33. "...тие (Македонците-б.м.) стапуваат (во Армијата-б.м.) без да дезертираат масовно."), се негира и најмалата опасност од постоење на сепаратизам во Македонија. (Димитљр Минчев, Участието на населението от Македониа в блгарската армиа през Првата световна војна 1914-1918 г., Софиа 1994, 157.)
(4) Државен Архив на Република Македонија, Микрофилм-4263.
(5) 11-ата германска армија во почетокот на 1916 година била префрлена на Македонскиот фронт на линијата Кожуф планина-Дојранско езеро. Со прегрупирањето кое тогаш било извршено во составот на оваа армија се наоѓале 2 германски воени единици, 3 бугарски дивизии и 1 коњичка бригада. Од есента истата година, кога бугарската Главна команда иако формално целосно го презела раководството на боените дејствија на Македонскиот фронт, 11-тата армија ја зазела линијата Охридско езеро-Кавадарци. На ова подрачје Армијата, во чиј состав подоцна биле вклучени бугарската здружена, 6 и 1 пешадиска дивизија, 302 германска дивизија, 4, 2 и 3 Балканска пешадиска дивизија, останала и непосредно пред пробивот на Македонскиот фронт во септември 1918 година. Главниот удар на сојузничките антантини сили, кој завршил со пробив во реонот Кавадарци-Демир Капија-Неготино, бил во делот од фронтот помеѓу 2 и 3 Балканска дивизија.
(6) Документот не е објавен.
(7) Документот не е објавен.
Вера Гошева, научен соработник во ИНИ
No comments:
Post a Comment