Имав чест но и голема обврска да бидам член на Комисијата за доделување на наградата „Димитар Митрев“ за книжевно – творечките достигнувања во областа на литературната критика на Друштвото на писатели на Македонија за 2010 година, заедно со Илија Велев како претседател и Кристина николовска како член. Меѓу десетина наслови од истот толкав број литературни критичари, за награда конкурираше и делото „Јавнопис“ од Гане Тодоровски. Најобемно, што би рекле народски и „најдебела“ книга од сите пристигнати. Но, беспоговорно и најквалитеттна. Кога ги добив книгите, со задача да ги разгледам, првата моја лична одлука беше, наградата да му се даде на Гане Тодоровски! Пријател ми е, но во жирито нема пријателство! На состанокот на Комисијата, како највозрасен прв ја почнав својата бесада: дека наградата треба да се даде на Гане Тодоровски заради квалитетот на „Јавнопис“ и заради нашиот Гане и негоивте години... А во таа 2009 година „старецот“ со младешко срце, Гане Тодоровски, имаше објавено ни помалку ни повеќе туку токму 11 наслови...
Наградата му ја доделивме едногласно. При врачувањето, во февруари 2010 година, на денот на формирањето на ДПМ, во пригодната бесада, корифејот Гане Тодоровски, заблагодарувајќи се на сите присутни, рече дека уште подисправен ќе продолжи да твори и покрај годините што ги има , се разбира, ако го остави сланата...
По завршувањето на свечената церемонија, кога му ја честитав наградата, ме прегрна како стар, добар пријател и со по една солза од неговите очи паднати на мојот образ, ми се заблагодари, таксувајќи ми, ветувајќи ми кафе кое ќе го пиеме со локум и мабети на Широк Сокак во Битола!
Кафето, она ветеното, таксаното, со Ганета не го испивме. Во еден пролетен ден падан слана во болничката постела во која беше оставен на милост и немилост од страна на медицинскиот кадар, го ослани пријателот и го испрати во гробот под една стара бука во скопското Кожле... Да почива во мир, осамен Македонец во македонија, како некогашните македонски војводи!
Во предговорто на книгата „Допираање на недопреното“ (литературни записи) што ја издане реномираната издавачка куќа „МАтица Македонска“ од Скопје во 2003 година, Тодоровски меѓу другото ќе го забележи и следното:
„Настојувам да си го доодам подисправен патот во литературата! Ќе да е белки мошне долг пат! Ќе да е белки мошне долг тој пат? Нема да згрешам ако му ја избројам должината со шеесетина години: ги чувам своите теттратки и ливчиња со литературни залажувалки од 1943-та година. Шест децении ги чувам, за да ми поверуваат дека уште од почетокот на својата литературна амбиција којашто постепено или пополека ќе ја преименувам, претпазливо, како литературна кариера, сум верувал во своите почетоци. Темелот на својот литературен занес сум си го започнал во детството, во стармалото детинство, врамено во грмежите на Втората светска војна. И еве ја таа моја доодувачка...“
Доодувачка која траеше до 2010 година, стамена како што му доликуваше на македонскиот литературен гениј Гане Тодоровски!
Беше автор од највисоките рнгови не само на македонските туку и на балканските простори! Врсен креативец, мајстор на помакедончениот македонски збор, првокласен македонски поет чии песни оставија траен белег во македонското поетско творештво, литературен критичар и научник, сонцељубив кон сонцељубивите, есеист и антологичар, врвен препејувач на дел од светската поезија. Гане Тодоровски создаде гранитно дело како изразит белег на македоснкото постоење, на македонскиот битис, препознатлив знак на македонското кај Македнците, трајно сведоштво за поривите и подемот на македонското битие...
„Се што ќе внесеш во песната, ќе живее со векови“ вели, а во сите тие негови поетски книги, сите објавени песни се вечност. Или, како што ќе напише македонскиот поет и литературен критичар, Раде Силјан – Ганевиот поетски глас е глас на нашето време.
Поезијата на Гане Тодоровски целосно е посветена на македонскиот битис и македонската судбина, прекрасна македонска поема сочинета од бројни песни, трагични но истовремено и хумористично – сатирични, делнични... Песни исткаени со македонски разбој на Рациново ленено латно, со тенки конци на црно – црвена основа, стихови полни со слики од македонското поднебје, полни со метафорика. Тој пее и за делникот и а личности од нашите улици, за работници и чистачи, но и за мекадонскит херои...
Првите негови поетски објави „Во утрините“ и „Тревожни звуци“ се во почетокот на педесеттите години на минатиот век кои зазедоа значајно место во македонската литература. Потоа продолжи со стамен поетски чекор објавувајќи ги збирките поезија „Божилак“, „Апотеза на делникот“, „Горчливи голтки непремолк“, „Снеубавен ден“, „Скопјани“...
Во една пригода литературниот критичар Димитар Митрев, за поетскотко творештво на Гане Тодоровски ќе го запише и следното: „Овој автор, кој во литературата не е само тоа, како поетски автор не знае ни за лутење ни за екстремности... Како поет, тој е еден школски образец за авторско дследност , за авторска карактерност.“
Пеејќи за татковината, Гане пееше како никој пред него, со препознатлив и авохтон јазик, a пишувајќи за македонската историја тоа го правеше како некој друг, посонцељубиво. А во науката научно, во литературната критика критички и воздржано.
За стамено и исправен да го дооди својот пат со житејски живот со =житие кое за него, допрва треба да се напише!
Кафето со локум со мојот даг пријател Гане Тодоровски не го испивме во Битола, на Широк Сокак, Еден ден, тоа ќе го сториме на најширокиот македонски сокак во рајската градина во друштво на Бога.
Размислував, долго размислував, со години, но и денес по смртта на Гане размислувам за неговата песна „Самообвина“ што ми ја посвети мене, авторот на овие редови, објавена од спиесането за книжевност и култура „Акт“ (Скопје) број 17 од 18 август 2006 година.
Самообвина, трогателни стихови, стихови кои длабоко трогнуваат...
Таа моја размисла за одгатка ви ја препуштам и вам, ценети читатели.
Панде Манојлов
Гане Тодоровски
САМООБВИНА
(или: Облик на непобран Отчет)
На Панде Манојлов
Размислувам, се најдам ли сам:
Дали животот штуро ми минал?
Судам... кудам... повторувам да знам
Барем една страна од вистината?
В такви вирли матежни сум збран
Посевезден – ѓавол да ме земе –
Думам шестам штуро загледан
Кон дувлата на болното племе:
Мрачно... Глуво... а сум минал пат
Кривулест, долг, стрм... и чунки клоцнат
Сфаќам: сепак, животот е поминат,
Сетики, за промени е доцна!
Таков талкач таголик сум јас,
Виновник е векот што ме родил...
Се поревам низ грд полуглас:
Накадарник! Без ниет за подвиг!?!?
Да – одминатост сум и ништожност сум?!
Ама... некој футур ќе ме гушне?
Младешкото в старечкиов ум
Гласи: потомството белки ќе те слушне!
(Објавена во списанието за книжевност и култура „Акт“,
Скопје, бр.17 од 18.08.2006 година)
No comments:
Post a Comment