Monday, May 2, 2011

Како Грција градеше свое национално ткиво во Македонија МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГРЦИЈА МЕЃУ ДВЕТЕ СВЕТСКИ ВОЈНИ: МЕРКИ И СРЕДСТВА ЗА НИВНА АСИМИЛАЦИЈА

Како Грција градеше свое национално ткиво во Македонија

МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГРЦИЈА МЕЃУ ДВЕТЕ СВЕТСКИ ВОЈНИ:
МЕРКИ И СРЕДСТВА ЗА НИВНА АСИМИЛАЦИЈА

Балканските војни (1912-1913) преставуваат една од пресвртните моменти на Балканскиот полуостров во XX век. Потиснувањето на Османлиската империја од страна на модерните балкански национални држави, значело и прекројување на државните граници на Полуостровот. Балканските нации-држави се изборија за значајни територијални проширување, додека, од друга страна, со интервенција на Големите сили била формирана современата албанска држава. Македонија во тие околности, како централна област на Балканот и дотогаш погранична провинција на Османлиската империја, била физички разделена и инкорпорирана во државните територии на балканските држави (Грција, Србија и Бугарија). Долгогодишниот натпревар за Македонија кулминирал со меѓусојузничката војна од 1913 година. Но, и по овој период, деловите од Македонија, повторно погранични и веќе дел од новите државни организации, и понатаму продолжувале да бидат “јаболко на раздорот“ на Балканскиот полуостров. Тоа се должело, пред сè, на големодржавните национални програми на балканските држави кои предвидуваа вклучување на цела или најголем дел од територијата на Македонија во сопствените национални држави. Ваквите програми ги темелеле на “историските права“ на посакуваната територија и на македонското население, кое, според најразлични критериуми за одредување на националната припадност, го декларирале за “свое национално ткиво“ во Македонија.
Најголемиот, јужен, дел на географска Македонија припаднал на Кралството Грција, денес попознат и како Егејски дел на Македонија. Оваа територија била национално нехомогена, со припадници на различни етнички заедници, од кои доминантни биле Македонците, потоа Турците, Грците, Власите, Албанците, итн. Населението на оваа област, како поединци, по 1913 г. станале државјани на грчката држава, со свои права и должности кон истата. Паралено со ваквиот тек на настаните, започнал процес на создавање на една хомогена нација-држава, односно трансформирање, т.е. редефинирање на етничкиот идентитет во грчки национален. Во тој контекст, градењето на грчката нација во Северна Грција имал вклучено константна негација на етничкиот идентитет и негово трансформирање во еден поширок, повеќе инклузивен национален идентитет и свест. Грцизацијата на Македонија, од страна на грчките власти, се сметала како неопходен чекор кон интеграција на областа по проширувањето на грчката држава.
Асимилаторската политика кон македонското население која хронолошки започнала уште пред приклучувањето на Егејскиот дел на Македонија во составот на Кралството Грција, во периодот после Балканските војни добила неограничени можности. Во прв момент на официјална Атина и стана јасно дека програмите за асимилација ќе немале целосен успех меѓу бројното и компактно македонско население во новоосвоените територии, затоа најпрвин било потребно  нивно физичко отстранување. Покрај добро испланираната и реализирана “доброволна“ размена на населние меѓу Грција и Бугарија, во помали размери, во тој период, било вршено преселување, т.е. депортирање на Македонци по грчките острови, особено на островот Крит. Исто така, не мал број на Македонци емигрирале од Грција како резултат на неповолната економска ситуација, но и поради теророт и притисоците од страна грчките државни органи. Големо олеснување во реализацијата на плановите за асимилација на македонското население се случува по преселувањето на повеќе од половина милион христијанско население од Турција во Егејскиот дел на Македонија по грчко-турската војна и Лозанскиот мировен договор од 1923 година. После ваквото драстично менување на етничката слика на населението во Северна Грција, полесно било да се употребат механизмите на државниот суверенитет и власта во напорите да се трансформира колективниот идентитет и свеста кај оние Македонци кои останале да живеат во своите вековни огништа. Најуспешни инструменти за спроведување на асимилаторските програми, во создавањето на лојални граѓани и присоединувањето кон „националното стебло“, се покажале образовниот ситем, црквата, грчката војска и полицијата.
Инкорпорирањето на новоосвоените територии кон останатото “национално стебло“ бил еден комплициран потфат кој барал искусни и способни кадри, финансиски средства и јасно определна цел и насоки во политиката кон “другите“. Грчките власти вложиле големи напори во асимилацијата на хетерогеното население, кое во најголем број од случаевите било населено во пограничните територии на грчката држава и од истата се сметале како опасност во случај на немири во регионот. На 18 септември 1923 г., веднаш по потпишувањето на Лозанскиот мировен договор, било свикано посебно советување во Министерството за надворешни работи, на кое учествувале премиерот на владата, Стилијанос Гонатас, министерот за надворешни работи и генералните управници на Централна и Западна Македонија. Предмет на советувањето било преземање на мерки за што поуспешно инкорпорирање на новоосвоените и “чуствителни“ територии во државата. Донесени били повеќе одлуки:
  1. Формирање на Министерство за новите земји, при што управата на истите да не се води од центарот (Атина), туку да има одврзани раце во неговото делување. Времето покажа дека дека од способноста и квалитетите на Генералниот управник и на другите државни службеници многу зависела асимилацијата на “спорните“ територии.
  2. Да се стимулираат државните службеници да прифаќаат функции во овие територии. Имено, службениците кои потекнувале од “Стара Грција“ назначувањето во новоосвоените земји го сметале како казна, а со тоа и нивниот придонес кон “национлната работа“ бил мал. Додека, исто така, нивните познавања за проблемите, состојбите и структурата на населнието биле минимални.
  3. Министерството за образование да соработува со Министерството за надворешни работи во насока за што побрзо распространување на грчкиот јазик меѓу туѓојазичните. Историјата покажа дека таа била и сè уште е главна цел на грчките националистички институции. Првиот чекор било отварањето на детски градинки и забавишта во “национално осетливите територии“. Со цел да се привлечат родителите да ги испраќаат нивните деца во овие установи било предвидено да се дели бесплатно млеко и да се изучува еден едноставен и лесно разбирлив народен грчки јазик. Покрај за најмладата популација биле предвидени мерки и за повозрасните. За нив требало да се отворат училишта во што поглем број и кадар посебно подготвен да им предава на Македонците. Предвидено било и печатење на книги кои немало да го засега верското и националното чуство на македонското население, се со цел, а како прва фаза, наметнување на грчкиот јазик. Исто така, се планирало  отворање на практични технички училишта во кои конбинирано би се изучувал јазикот и занаетот.
Во овој период за прв пат била формирана известувачка служба, под името – “Служба за општа безбедност на државата“ (УГАК). Првичната цел на оваа служба била просветата на туѓојазичниците во Грција, контрола на сомнителни личности и групи, и заштита на населението од навлегување на странска пропаганда. После паѓањето на диктатурата на Теодорос Пангалос (1925-26) УГАК била расформирана поради конкуренцијата со полицијата. Подоцна, по возобновувањето на кралскиот режим во Грција (1935), службата била обновена и во почетокот била раководена од Генералштабот на армијата, а подоцна од Министерството за Јавен ред.
Друг фактор кој го потхрануваше незадоволството на малцинствата во Грција, во прв ред македонското, бил неизбежниот судир со “грчките“ доселеници од поранешната Османлиска империја. Тие биле население на територии на кои живееле “туѓојазичници“, додека стремежот на доселениците за освојување на просторот (имотите) била најчестата причина за меѓусебните несогласувања и за честите жалби на Македонците до Друштвото на народите. Така на пример, во октомври 1925 г., доселениците, или меѓу народот попознати како “маџири“, во с. Овчарани (Леринско) биле незадоволни од обработката на земјата што им била доделена од специјално формираната Комисија за сместување на бегалците (ЕАП), па така самоволно се прошириле на имотите на месните Македонци, под изгвор дека тие во минатото припаѓале на Турци. Споменатата Комисија го оправдала потегот на “маџирите“, додека одреден број на Македонци, разочарани и понижени од ваквата одлука, побарале српско државјанство, т.е. се преселиле во Вардарскиот дел на Македонија.
Еден од критеритумите за определување на нацијата и националната припадност е јазикот.  Во таа насока, а со цел – поадекватно инкорпорирање на новото население во грчката нација-држава, посебно внимание од грчките институции било посеветено на просветната политика. Властите правеле големи напори да ги придобијат македонските деца да се запишат во грчките училишта и најважно – да “престанат да го употребуваат локалниот идиом“. Постоеле два начина за привлекување на македончињата во грчкиот образовен систем. Првиот, кој бил умерен и добро испланиран, предвидувал отварање на што поголем број на училишта во “осетливите“ територии, назначување на способни и посебно обучени учители, и безплатно делење на учебници, училишен прибор и униформи. Истовремено се планирало доделување на економска помош на Македонците. Другиот начин бил автархичен, т.е. постигнување на целта преку принудно убедување. Тоа значело принудување на учениците со закон да се запишуват во грчките училишта.
За време на петтиот премиерски мандат на Елефтериос Венизелос (1928-1932), со надворешен притисок, првенствено од Друштвото на народите, ставот на либералниот премиер, а со тоа и официјален став на грчката држава, бил отварање на малцински училишта и изучување на нивниот јазик. Во таа насока, Д. Агнидис, кадар на Друштвото на народите (ДН), по претходна консултација со Венизелос, му соопштил на Генералниот секретар на ДН во врска со македонското население во Грција, дека премиерот бил спремен “да отвори училишта во кои ќе се предава нивниот дијалект. Но, досега, никој не побарал такво нешто. Ако спонтано побараат ќе го имаат [училиштето], но ние тоа нема да им го наложиме“. Ваквиот став бил повторен и на крајот на Балканската конференција во 1930 г., кога на новинарско прашање Венизелос одговрил дека е спремен “да отвори малцински училишта доколку нардот тоа го сака“. Секако дека малцинските групи во Грција после сите репресивни и денационализаторски мерки тешко би се осмелиле да помислат на нешто такво, а не па и официјално да побараат. Дека навистина ова била само дипломатска игра на Венизелос пред надворешните притисоци, се потврдува и со фактот дека назначил надзорник за малцинства во својот кабинет, со задача “добро да ги спроведува договорите за малцинства и да назначува способни генерални управници во новите земји“.
Како и да е, Македонците, како и другите малцински групи во Грција, најтешките  денови ги поминуваат по 1935 година. Мерките за денационализација и асимилација не само што продлжиле, туку се засилиле во својата енергичност и репресивни мерки. Така на пример, Министерството за надворешни работи ги покривала трошоците за Силогосот за распространување на грчката писменост, кој имал отворено во Западна Македонија училишта и домови за девојки, како и домаќинско училиште во Лерин, а со цел да се постигне успешно погрчување на македонските мајки. Во јануари 1936 г. во Службениот весник на грчката влада бил објавен законот за “Основање на служби за одбрана на државата“. Нивната цел, меѓу другото, била “да се пратат од било каква природа туѓите пропаганди кои работат во нашата земја“. Во таа насока, повикувајќи се на овој закон, било одземањето на грчкото државјанство на 340 Македонци кои работеле во САД и Канада, и им било забрането да се вратат во грчката држава и покрај тоа што нивните семејства живееле во Грција. Овој потег бил резултат на се поголемиот број на информации кои пристигале до официјална Атина за дејноста тамошните македонски комитети. Исто така, леринскиот префект, кој целосно ја поддржувал “Метаксасовата диктатура“, во 1937 г. ги предложил следните мерки за отсранување на секој антинационален елемент:
  1. Да им се одземе клирот (земја од 30 декари) на оние кои се работат против општествениот режим.
  2. Формирање на лохоси (чети) за принудна работа на оние кои се носители на превратнички идеи.
  3. Дел од пограничното население да се пресели на Југ, а друго население од јужниот дел да се насели во испразнетите места и куќи. На таков начин населението кое воопшто нема национална свест и е надоено со комунистички идеи ќе се одалечи од границата, и наместо тоа население ќе се населат луѓе кои по секој критериум се Грци.
  4. Да се изберат скоро 30 демобилизирани ветерани или резервни офицери со проверен морал и да се постават во поголемите славофони села како професори по гимнастика и организатори на младината, со што ќе ја постигнат целосната национална асимилација и нивно воспитување својствено на грцизмот. Тие истовремено ќе го сочинуваат и на некој начин окото на државата и будно ќе ја следат работата на учителите и движењата на селаните.
  5. Неопходно е да се отворат вечерни училишта во кои ќе се запишат возрасните мажи кои не го познаваат грчкиот јазик, на кои ќе им се предава посебна историја и истовремено ќе го изучуваат јазикот.
Во секој случај, постоела една цела редица на сурови мерки преземени врз Македонците во Грција. Според грчкиот антрополог Анастасија Каракасиду, реконструкцијата на личниот и општествениот идентитет, т.е. изградбата на грчкиот национален идентитет во овој период, се одвивал „со сета жар и речиси без отпор“. Но и покрај жестоките напори за асимилирање и конечно решавање на македонското прашање во Грција во периодот меѓу двете светски војни, тоа не се случило. Негово повторно актуелизирање се јавува во четриесетите години од минатиот век, т.е. во периодот на еднодецениските воени судири во грчката држава (1940-1949). Во овој историски интервал биле изразени целосно стремежите на Македонците за извојување на своите права. Во Егејскиот дел од Македонија тие имале свои национални и воени организации, македонски училишта, весници, литературно творештво на македонски литературен јазик, односно, на териториите под власт на ДАГ уживале голем дел од правата на едно национално малцинство. Во согласност со нивните аспирации, но и со моменталните интереси и конфронтации во комунистичкиот блог, националната програма на Македонците се движела од барања за добивање на национални права во рамките на грчката држава, до правото на самоопределување и создавање на македонска држава во составот на една идна балканска федерација.
Списание “Публика“ 5-2-2011
Димитар Љоровски Вамваковски

No comments:

Post a Comment