Thursday, March 22, 2012

Македонски народни песни

ЈОВАНКЕ

Не крши се, не дроби се, како змија во чалија,
Јовано, мори Јованке, како јагне во стадото.
Како овца калеша, како коза штирковна,
 не крши се, не дроби се, како кравче тригодајче.
 Како јунче неспрегнато, Јовано, мори, Јованке.
 Не крши се, не дроби се, како мовче непрејдено,
 како коњче некоено, Јовано, мори Јованке.
Не крши се, не дроби се, сум шетало, мори Јованке,
 од Вардара до Солуна, од Пирина до Охрида,
 како тебе не сум нашло, Јовано, мори Јованке.
 Како твојата рамна мори, става, како твојата седеф коса,
 како твоите мори, седеф коси, како твоите гајтан веѓи,
 никаде не најдов, Јовано мори Јованке.
Јовано мори Јованке, не дроби се, не крши се,
како твоето мори, кондил носе, со твоите тенки нозе,
 како твоите мори, долги ора, Јовано мори, Јованке.
Како твоите мори, славни песни, песни македонски,
никаде мори, Јованке, никаде не сум сретнал.

КАРАНФИЛО МАЛО МОМЕ

Каранфило, мало моме, дал немаше стара мајка,
 да те ука научи, да се честум поклонуваш,
ред по редум рака да бакнуваш.
 На девери до бели скутови, на нунката,
 на нунката, дур до колена, на золвите до кркмите.

Двете песни се забележани од Неда Јовческа, од Мариово, стара 75 години.



ПИЛО ЛУДО СЕ ОПИЛО

Пило лудо, леле, се опило,
 се намери пред момино порте.
„А бре лудо младо, што си дошло дома,
мајка ќе те види, мене ќе ме кара."
„Јас сум дошло, моме, тебе да те видам,
 тебе да те видам, да се разговарам,
 на скуте да ти седнам, на гради да ти легнам,
 леле лично моме, слатко да преспијам."
„Оре лудо младо, мама не ме дава,
 мама не ме дава оти си коцкар пијаница."

Забележана на 10. 6. 1959 година од Филка Куртова, од Охрид стара 92 години.

ШТО Е СКОПЈЕ ОГРДЕНО

Што е Скопје огрдено,
 три болести бијат,
 прва болест сива кукавица,
 втора болест ситна сиканица,
трета болест црна чума.
 Шо избија три илјади војска,
 и пак Скопје не узнало.
Кога удри еден син на мајка,
 тргај Скопје ми узнало.
Шо направи стара мајка,
 шарен ковчег за сина си,
 од злато перница,
од мермера плоча.
Ката вечер мајка на гроб оди,
 ката вечер, синко,добро вечер,
 ката утро, синко, добро утро.
 Ова утро, синко, да те питам:
,,Дали тежи, синко, шарениот ковчег,
дали тежи позлатена перница,
или тежи бела мермер плоча?"
Тогај синот одговори:
„Ејди, мајко, стара мајко,
не ми тежи шарен ковчег,
нит' ми тежи позлатена перница,
 нити ми тежи бела мермер плоча.
 Најпојќе ми тежи жалба за мајка,
 жалба за првато либе."

Забележана на 10. 6. 1959 год. од Тодора Петрова, од Кичево, стара на 73 години.

ПОПЛЕНИЛ МОСКОВ ПОГРАБИЛ

Попленил Москов пограбил,
 попленил мома туркина, 
си ја однесол Московија,
и клал име Марија.
 Кога си ојде во црква,
 црквата му мирисаше, 
како на снопче босиљок.

ОЈ ДЕВЕРИ ДВА БРАТА РОДЕНИ

Ој девери, два брата родени, 
шо стоете, вие шо гледате. 
Невеста е многу оружана,
 синја молнја опашана,
 ситни ѕвезди по полите,
 месечина на градите, 
бело лице летно сонце.

НЕ ПРЕДАВАЈ СЕ ДЕВОЈКО

Не предавај се, девојко мори, 
на два девери на два ѓаоли.
 Те излага, те прелага,
 за едно рало, мори, чевли, 
за едно рало влашки чорапи,
 за едно рало бакарни пафти,
 те излага, те прелага. 
Што ти дадоа венец на глава,
 венец на глава, бигор на срце.
 Шо ти кладоа нетоп на глава, 
нетоп на глава, потоп на срце.

НЕДА МАЈКА ЈА КАРАШЕ

Неда мајка ја караше,
 да не шеташ, ќерко ноќно доба, 
Ноќно доба, турска мала,
 турска мала, во Бањишта. 
Сите Турци се избањаа,
 се избањаа, секој дома си сјојде. 
Едно Турче Арнаутче, 
ни се бањат, ни си одвит, 
е причеквит бела Неда.
 Бела Неда деборчанка, 
зато мајка учит Неда,
 да не шета турска мала,
 турска мала ноќно доба.

Четирите горни песни се забележани од Тасија Тупанчевска, од с. Ташмаруништа — Струшко, стара 65 години.

А БРЕ ЧАУШ ЧАЛИ АГА БРЕ

Бре не ми оди низ Неврокопско,
 а.. . Чауш Чали ага бре,
 еј бре, Чауш Чали ага бре.

Таму те чека до три пусии, 
а.. . Чауш Чали ага бре, 
еј бре, Чауш Чали ага бре.

Првата пусија Мелнички ридови,
 а.. . Чауш Чали ага бре, 
еј бре, Чауш Чали ага бре.

Втората пусија Неврокопско поле,
 а.. . Чауш Чали ага бре, 
еј бре, Чауш Чали ага бре.

Третата пусија среде во Неврокоп, 
а.. . Чауш Чали ага бре,
 еј бре, Чауш Чали ага бре.

Мајките плакале од твоите зулуми,
 а... Чауш Чали ага бре,
 еј бре, Чауш Чали ага бре.

Забележана на 5. 6.1954 год. од Темелко Илиевеки од Битола.



Објавени во „ Развиток„ Март 1970 година

No comments:

Post a Comment