Thursday, March 22, 2012

Три народна песна од Битолско

Прва песна
В Могила влезе четана,
На чело Цветков Војвода,
 Дедо Андреа со него,
Ѓорѓи Смилевче со него,
 И деветнајсетмина со него.
 Ми ги догледа Димитри,
 Работник од Црнобуки.
 Диме ми нешто намисли
 Диме замина в Битола
На паша абер да даде:
 — Де ги ди Паша, валија
 В Могила е Цветков Војвода
 Дедо Андреа со него
Горѓи Смилевче со него
 И деветнајсетмина комити
Забери аскер полиции
Забери Турци полјаци
Забери башубузлуци,
 Селото да го сардисаш
Цветков Војвода да фатиш
Со него дедо Андреа,
Со него Ѓорѓи Смилевчето
И деветнајсетмина комити
 И мене паша да земиш
Да не ме убијат.
 Пашата вели говори:
Ашкосум Димче работник,
 Ашкол сум Димче кодошу
Аваџи табор ќе земам
И живи ќе го донесам
Цветков Војвода на чело,
Дедо Андреа со него
 И дванајесестмина комити.
 Му рече Димче работник:
Слушај бре паша валија,
 Аваџи табор малку е
Повеќе војска да земеш
 Јунак е Цветков Војвода,
 Јунак е Горѓи Смилевче,
 Јунаци се сите комити.
Тогаш му рече пашата,
 Пашата ем валијата,
Валија на град Битола:
Де ги ди Димче Чорбаџи
 Земи си пари од кесе
 Колку ти фаќа раката,
Се чисти жолти жолтици
 Јас паша ќе те одредам
 Мулајзим ќе те направам,
дека ја чета предаде
На Цветков Војвода.
 Димче чорбаџи се излага
 Си зеде пари од кесе,
Четата што ја предаде.
 Пашата викна подвикна:
Саид ефенди да дојдит.
Селам му даде на паша,
На паша ем валија:
Саид ефенди баш полиц
Тебе те имав првенец
Првенец меѓу Турците
 Земи си табур биринџи
Со седум осум илјади
И десет чифта топови
 Со многу тешки ѓулиња
 Дури да ми се обзори
 Дури да изгреј сонцето
Сардисај село Могила
 Таму бил Цветков Војвода
 Таму е дедо Андреа
Таму е Ѓорѓи Смилевчето
 Таму се други комити
 Сношти таму отишле
Денес абер зедофме
Од нивни Диме чорбаџи
Од тоа клето Црнобуки.
Запомни Саид ефенди
Отиде право в касарни
 Во бели и во црвени
 Одреди табор биринџи
Со седум осум илјади
И десет чифта топови
 Со многу тешки ѓулиња
Дури да ми се обзори
Дури да сонце огрее
 Сардиса село Могила
 Прособра сите селани
 Та што им вели говори:
Селани вие Могилци 
Овде имате комити 
Тука е Цветков Војвода
 И дедо Андреа со него
 Тука е Ѓорѓи Смилевче
И деветнајсетмина комити
 Сношти овде дојдоа
 Денес абер зедофме 
Од вашиот Димо работник
 Од вашиот Димо чорбаџи 
Од клетото Црнобуки 
Каде се крие четата?
 Каде е Цветков Војвода
 Каде е Ѓорѓи Смилевче
 И деветнајсетмина комити
 Кажете да не бараме 
И куќине да гориме.
 Селани велат говорат:
Саиде, Саид, ефенди
 Сите ние изим си даваме
 Таква работа немаме.
Разлутен Саид ефенди
 Разлутен Саид Баш полиц, 
Пособрал двајсет селани
Ристе Коцобаши со него 
И десет души аскери 
Аскери од најлошите
 Аскери од најлутите.
 Прегледа сето Могила
 Комита нигде не најде
 Саид ефенди застана,
 Застана па ми говори:
Селани вие Могилци, 
Овдека напред врвете
 Куќава да се прегледа.
 Селани тогаш рекоа:
Саид ефенди Баш полиц 
Овдека шубе имаме 
Зашто е куќа без стопан 
Белки е некој кондисан
 Затоа напред не ојме.
 Разлутен Саид ефенди 
Разлутен Саид баш полиц
 Со десет души аскери 
Аскери од најлошите 
Аскери од најлутите
В лева рака калаика 
В десна рака револвер,
 Почна во дворје да влега.
 Подвикна Цветков Војвода
 Кој што седеше на баџа:
Застани Саид ефенди 
Застани Саид баш полиц 
Тука те тебе чекавме 
На нишан да те земиме
 Пашана ќе те одредам, 
Битола да ја повелаш.
 Колку го зборот изрече 
Сичките пушки згрмија,
 Саид ефенди убија,
 Саид ефенди Баш полиц
 И десет души аскери,
 Аскери од најлошите 
Аскери од најлутите.
 Турската труба засвири,
 згрмија пушки топови, 
Со многу тешки ѓулиња
 Од четири страни Могила 
Земја и небо трептеа
Деца и жени спиштеа
 Силен се оган отвори,
 Изгоре сето Могила. 
Подвикна Цвтеков Војвода:
 — Крепи се дедо Андреја
 Крепи се Ѓорѓи Смилевче 
И вие браќа комити 
Крепи се верна дружино!
 Удрите не се боите,
 Дури патрони имате;
 На оние ѓупци, аскери 
Живи да не се давате,
 За да ве мачат в Битола 
Во тие пусти зандани!
 Времето ми се помрачи 
Куќата ми ја сурнаа,
 Цветков Војвода угина
 И единајсет четници.
 Осумте души излегоа
 Од турски обрач в Могила 
Отидоа во Црнобуки 
Викнаа Димче Чорбаџи:
 Сега ние ќе ти платиме 
Зашто не ти куртули 
На она клето Црнобуки.
 Излезе Димче Чорбаџи 
Пеплосан в лице ожолтен. 
Ми го врзаа комити.
 Лева му рака секоа 
Со која ги зеде парите
 Десна му рака секоа 
Со која даде потписот
 Главата му ја одрежаа
 Мулјозим го одредија
 Бела му книга пратија
 На Битолскиот валија:
 „Испрати дваесет текови
 Крени си твои лешеви 
Лешеви ѓупски аскерски
 Поцрне од нив Могила.
 Испрати до два ландони
 Земи го твојот пашалар
 Пашалар турски првенец
Пашалар Саид ефенди
 Саид ефенди баш полиц,
 Голем му нишан дадофме 
Битола да ја повела".


Втора песна

Ајде бог да бие тој качак Шефкија 
Тој Турчин Шефкија царот македонски 
Што ми пошол Шефки во село Могила 
И таму си ми нашол млада субашица
 Шефкија нарачал ручек да му зготви
 Шефкија ми руча, па ми се засркна
 Тогај му прозбори Турчинот Шефкија:
 — Млада субашице убава невесто 
Многу ручек имаш, сладок ручек имаш
 Од сладина дури јас си се засркнав
 Али ет на арно али ет на лошо. 
Тогај субашица збор му прозбори:
Ој ти море Шефки цару македонски
 Колку е на арно повеќе на лошо.
 Ајде па ми појде каде Димковица
И на Димковица збор и прозбори:
Каде ти е Димко млада Димковице.
Димко ми отиде горе во ливаѓе.
Димко го отепав млада Димковице 
Тебе ќе те земам кадана да бидиш.
Димко е жив, не ми е отепан 
Димко ќе ја земи твојата кадана.
 Тогај се налути тој Турчин Шефкија
 Па ми е удри млада Димковица. 
Димковица трча на Димка да кажи:
Каде си бре Димко Шефки ме натепа 
Тоа турско куче, тој качак Шефкија. 
Тогај и прозбора Димче Могилчето:
Оди ми си дома млада Димковице
 Оти да не земам тебе да устрелам.
 Шефки коњ ми вјана во Битола да оди,
 Кога Шефки дојде до трите мовчиња,
 Прва пушка пукна Шефкија ми падна,
 Од коњот под коњот мавзерот го фрли,
 Коњот му избега Димко си го фати.
 Гледа Шефки гледа, од кај пушка пукна.
 Кога ми го виде Димче Могилчето
 Димче Могилчето со комитска руба
Со комитска руба, куса малихерка
 Шефки ми довикна:„Аман море Димко 
Аман море Димко, полјаци сме биле
 Ти се молам Димко жив да ме оставиш!"
 Димко му ги собул долгите потури
 Димко му го слече срмениот елек
 Му го зеде фесот со две ока пискул 
Па го јавна Димко коњот од то куче:
Гледај Шефки гледај, гледај лошо куче
 Дали ме прилега во твојата руба.
Море ти прилега Димко уште поубаво
 Барај што ќе бараш Димко
Само ти се молам живо остави ме 
Остави ме живо во Битола да одам.
 Димко Могилчето на Шефки му прозбори:
Ништо јас ти неќам, туку тебе ми те сакам
 Абер да му пратиш право на султанот
Оти не се најде лек Шефкија за тебе
 Вака ќе ти биде поарно за тебе! 
Та му го удри ножот во срцето 
Ножот во срцето, Димче Могилчето.

Трета песна


Абер ми дојде од Стамбул дур' Битола 
дури Битола, дури кај валијата:
 — Де, гиди, бре валијо, наш ефендијо 
голем поплак има од Битолско Поле,
 Од Битолско Поле од наши беглери
 голем зулум му чинат тие кумити.
 Слушај бре ти валијо, мувлет ти давам
 мувлет ти давам тебе за десет дена,
 ти да ми бараш јунак да ги фаќа
 Димко Могилчето, Јонче Логорчето
 и тој Трајко Брник — Мориовчето.
 Тој што ќе ги фати бакшиш ќе му давам.
 Ами бог да убија тој валијата 
телал што ми носи низ града Битола:
Чујте вие Турци, Турци и рисјани
 дали има јунак Димка да го фаќа
 Димка Могилчето, Јован Логорчето
 и тој Трајко од Брник Мориовчето. 
Ал да ми го најди тој Шефки агата
 од далеку дочу, во Битола појде,
пред валија падна и му се поклони:
Слушај, послушај ти ефенди бре Валијо 
Јас сум бег Шефки, Турчин Дебранлија 
Турчин фиданлија, Турчин Шишманлија
 јас сум Шефки бегот полјакот могилски
 Сакам јас да бидам и цар македонски
 голем бакшиш барам Димка да го фатам
ти цар да ме туриш на Битолско Поле
 и ќе ми даваш млада Димковица 
По села ќе одам по села ќе шетам 
Димка ќе го фатам, врзан ќе го терам
 петици ќе кинам, в сарај ќе го терам.
 Обеќај му даде нему валијата:
Јас цар ќе те турам на Битолско Поле
 Јас ќе ти дадам аскер од сто души
Само да го фатиш, врзан да го тераш.
Де ги ди бре валијо, јас аскер не сакам 
само си ги сакам два верни другари.
Од тука ми стана, на коњ ми се качи,
 па ми отиде при стара му мајка
 на мајка му му збори: „Слушај стара мајко
 Царо ме тури цар на Македонија 
ако му го фатам Димко Могилчето
 Јован Логорчето и Трајко од Брник!" 
А мајка му му рече:
Слушај Шефки бегу што јас ќе ти кажал 
ти да не се мешаш во царски работи,
 ноќеска си синко лош сон јас сонував
на нашата куќа мрша кај стоеше.
 На мршата до три пилца стоеја 
туку тие, синко не се до три пилци, 
туку ми се синко до трите војводи,
 чувај ми се синко да не те убијат.
 Бог да би го убие тој ми Шефки ага
 Полјако могилски царо македонски
 мајка си не слуша на коњ ми се качи,
 коња го потера, Могила ми појде 
од далеку вика, на порта ми чука:
 Деги ди ти млада, млада Димковице
 Порта ми отварај Димка ти го убив,
 Дојдов да те земам измет да ми правиш 
На мајката анка вода ќе и носиш.
 Бог да ја убија млада Димковица 
Луто се налути, луто му говори:
Ајде бегу бегај, ти црно еѓупче
Сношти Димко беше, вечера ми јаде
 Вечера ми јаде и мене ми рече:
 „Јас ќе го убијам Шефкија ага 
и ќе му ја земам јас белата анка 
Измет да ми прави вода да ми носи!"
 Бог да го убија тој Шефкија ага 
Полјакот могилски, царот македонски
 Луто се налути фати да је бијет 
Близу тука беше тој Колче ортакот,
 Стана да го моли тој Шефки агата:
Дејги Шефки ага, Турче Дебранлија, 
Турче Шишманлија, Турче Фиданлија 
Ти што ми ги слушаш женските зборови
 Жена долгокоса, жена кусоумна,
Тебе ќе те молам кај мене да дојдиш 
Ручек ќе ти зготви млада Колчевица 
Млада Колчевица пресен зелник печи 
Ручек ќе ми ручаш изим ќе ти барам
 за да ми излезеш долу ливаѓето
 Долу ливаѓето. кај таа рамна плоча
 Времето ми дојде сакам да ги косам.
 Ручек ми руча, на коњ ми се качи 
в ливада ми појде, кај таа рамна плоча 
коња разигрува, коња рашетува.
 Како коњ ми игра, како коњ ми рипа
 Ми пукнала пушка, Шефкија го удри 
Шефкија го удри во левата рака
 Тој Шефкија бегот од коњ не ми паѓа
 На далеку гледа од кај пушка пукна. 
Друга пушка пукна, Шефкија го удри
 Шефкија го удри во левото рамо
 Уште Шефки бегот од коњ не ми паѓа
 надалеку гледа од кај пукна пушка
 Трета пушка пукиа Шефкија го удри
 Шефкија го удри меѓу двете очи 
Тогај Шефки бегот од коња ми падна.
 Димко му излезе, пискуло му го зеде
 Пискуло му го зеде и што ќе му рече:
Стани бре стани, ти Шефкија ага 
полјако могилски царо македонски 
стани да ме видиш дали ме прилега
 со твојот ми пискул на мојата глава.



Драгица Симовска и Ѓорѓи Димовски
„Развиток“ Март - Април 1967

No comments:

Post a Comment