*Поради ѕверските мачења во софискиот затвор овој македонски патриот и музичар самиот си ја испеал песната Послушајте патриоти.
Во овој напис сакам да направам краток осврт кон потеклото на една од најпознатите македонски народни патриотски песни, песната Послушајте патриоти (снимена досега во повеќе варијанти од разни интерпретатори и групи). Најнапред да се потсетиме на една од проширените варијанти на оваа прекрасна песна:
Послушајте патриоти,
да Ви кажам словото.
На Ѓурѓовден бев затворен,
в црни, темни зандани.
Во зандани бев предаден
од проклети шпиони.
Од проклетите шпиони
и неразбрани трговци.
Во зандани бев измачен,
ниту вода, ниту леб,
а телото покриено
с бела риза до земја.
Немојте да ме мачите.
Јас сум невин како цвет.
Зло никому не сум сторил.
Свидетел е овој свет.
Сум се борел за слобода,
за човечки правдини.
Ах, да знае мојта мајка,
гробот да ми ископа.
Гробот да ми го ископа
спрема јасното сонце.
И на гробот да напише:
Тук почива маченик.
Тук почива Александро
Караѓуле Охридски.
На гробот ми поставите
божур алови цвеќа,
за момите да се китат,
во блажени времиња.
Верувам дека поголемиот број недоволно упатени луѓе, кои ја знаат оваа песна, претпоставуваат дека во неа е опеано страдањето на македонските патриоти во турските затвори. Меѓутоа, вистината е сосема поинаква. Малку е познато дека оваа песна (во која, конкретно, се опеани ѕверските мачења и смртта на македонскиот патриот и деец, охриѓанецот Александар Караѓуле Охридски) е посветена на неговото темничење токму во бугарските затвори, каде и бил ликвидиран, во далечната 1892 година.
Ѕверските мачења во софискиот затвор
Имено, Александар Караѓуле Охридски е еден од позначајните македонски национални дејци од крајот на 19. век, кои дејствувале главно во Софија и кои се залагале за македонска национална засебност, продолжувајќи го на тој начин отпорот на Македонците против Бугарската егзархија и тивкото побугарчување, што особено се засилило по востановувањето на оваа Црква во Македонија, кога на сите Македонци кои посакале таму да ги задоволуваат своите верски потреби, им биле давани документи дека тие се Бугари и врз нив била вршена перфидна духовна и културна пресија (преку просветата и сл.), со цел истите да го прифатат бугаризмот. Се разбира дека оваа нова пропаганда наишла на отпор од страна на Македонците, а еден од нив бил и охриѓанецот Александар Караѓуле. Секако дека на потполно ист начин (преку своите цркви) работеле и великосрпската и великогрчката пропаганда во Македонија.
Инаку, Александар Караѓуле Охридски извесно време (1885 година) работел како одговорен редактор на весникот Македонски глас (и тоа почнувајќи од бројот 5. па до неговото укинување). Во последниот број од овој весник објавен е повик до сите Македонци во Бугарија со оружје да влезат во Турција и да се борат за ослободување на Македонија. Интересно е дека оригиналните примероци од овој весник (кој дејствувал на чиста македонска национална основа) денес се кријат во Бугарија и истите се недостапни за пошироката (дури и научна) јавност. Александар Караѓуле бил главен организатор и на Македонското читалиште во Софија (околу 1889 година).
Под изговор дека е учесник во дејства против тогашната бугарска влада на Стамболов, Александар Караѓуле Охридски, е уапсен заедно со други Македонци (но и бугарски опозиционери) и истиот, на 08.07.1892, од страна на Софискиот суд е осуден на смрт. По тешките измачувања, овој смел Македонец е обесен истата година во Софија.
За ѕверствата на кои биле изложени овие дејци во бугарските затвори, подоцна пишувал и тогашниот бугарски весник Согласие, кој во својот број од 15.06.1894 година, известил дека затворениците (меѓу кои и Александар Караѓуле), во Софија биле (цитирам): ... затворени во гнасни затвори, каде трпеле со денови, недели и месеци ужасни мачења. Најмногу биле тепани со песочни торби, коишто, без да остават видливи знаци, создаваат тешки внатрешни повреди...
Во зандани бев измачен
од проклети шпиони.
Од проклетите шпиони,
и неразбрани трговци...
Неколку варијанти на песната
ПОСЛУШАЈТЕ ПАТРИОТИ
верзијата на ансамблот Билјана
Послушајте ме другари, да ви кажам словото
- на Ѓурѓовден бев затворен, в црни, темни зандани,
на Ѓурѓовден бев затворен, в црни, темни зандани.
Во зандани бев измачен, ниту лебец нит' вода,
а телото покриено - в бела риза до земја,
а телото покриено - в бела риза до земја.
Немојте да ме мачите, јас сум невин како цвет,
зло никому не сум сторил, свидетел е овај свет,
зло никому не сум сторил, свидетел е овај свет.
Ах, да знает мојта мајка, гробот да ми ископат,
и на гробот да напишит "Овде лежит маченик",
и на гробот да напишит "Овде лежит маченик".
"Маченик е тој за правда, за човечки правдини,
а тој беше Александар Караѓуле Охридски,
а тој беше Александар Караѓуле Охридски".
На гробот ми посадите, божур алени цвеќа,
за момине да се китат во блажени времина,
за момине да се китат во блажени времина.
ПОСЛУШАЈТЕ ПАТРИОТИ
- Послушајте патриоти
- да ви кажам словото,
- на Ѓуѓовден бев затворен, ----
- вцрни темни зандани.
- Во зандани бев предаден
- од проклети шпиони
- од проклети шпиони ---
- неразбрани трговци.
- Во зандани бев измачен
- ниту вода ниту леб,
- телото ми потемнело,
- долга риза до земја.
- Ах немојте да ме мачејте,
- јас сум невин како цвет
- сум се борел за слобода ---
- за човечки правдини.
- Ах да знае мојта мајка
- гробот да ми ископа
- гробот да ми го ископа
- спрема јасното сонце.
- И на гробот да напише,
- тук почива маченик,
- тук почива Александров,
- Караѓуле Охридски.
No comments:
Post a Comment